Универзитетот „Мајка Тереза“ ја промовираше првата генерација апсолвенти

Универзитетот  „Мајка Тереза“ во Скопје, најмладиот државен во земјава, денеска свечено ја промовираше првата генерација апсолвенти и одбележа годишнина од основањето.

На настанот се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери кој рече дека заедно со колегите пратеници имале свој придонес и безрезервно поддржале формирање на оваа високообразовна институција затоа што верувавале во високо образование што ќе ги усоврши младите кои во чекор со светските процеси ќе му помогнат на нашето општество.

– Убеден сум дека знаењето, познавањата и навиките што сте ги стекнале во овој сегмент од вашето образовно патешествие во овој универзитет, ќе ви бидат сигурна поткрепа којашто ви треба за продолжување на вашето понатамошно образовно усовршување, вашиот професионален развој и специјализација и за почнување на ваш ценет придонес во рамки на семејството, општеството и нашата држава, рече Џафери.

Посочи дека и покрај пандемијата од КОВИД-19, која ги промени начините и условите за учење,  не се сомнева дека тоа нема да ги попречи студентите  да чекорат напред и да го дадат својот максимум.

– Бидејќи вие сте иднината и силата во која веруваме…Меѓу вас има идни градежни инженери, професионалци по информатика, технички науки, технологија и социологија. Знам дека ова претставува само мал дел од можниот спектар на насоки  што може да се отворат во Универзитетот „Мајка Тереза“, додаде Џафери.