Уникатни подароци за Свети Валентин

Зависно од тоа колку сте романтични, Св.Валентин во вашиот живот игра поголема или помала улога.  Ако штотуку сте ја започнале врската, бесмислено е да се расфрлате со скапи подароци, особено ако вашиот партнер нема такви намери. Ако сте во долга врска или брак, тешко дека ќе го изненадите партнерот, но барем имате ас во ракавот – го познавате вкусот и афинитетите на партнерот.

Колачиња во форма на срце

Постои одредена вистина во максимата дека најмногу топлина има во подароците кои се дадени од срце. Ако добро се снаоѓате во кујната, направете колачиња и испечете ги во форма на срце, користејќи калапи за печење. Доколку не сте по готвењето, ви подготвивме неколку дополнителни идеи.

Подароци за него

Потсетете го на минатото. Направете уникатен подарок за Св. Валентин кој нема да биде преголемо клише. Размислете за колаж од стари фотографии, во комбинација со сегашни слики. Ваквиот подарок ќе му покаже дека сте посветиле многу внимание и дека неговата љубов ви е многу важна во животот. Исто така, можете да направите плејлиста од љубовни песни и да ја снимите на ЦД. Кога ќе ги слушате песните заедно, повторно ќе ги преживеете најважните моменти и заедничките искуства.

Подароци за неа

За вашата партнерка треба да одберете едноставен, но уникатен подарок за Св. Валентин. Можеби мислите дека традиционалните подароци како бонбониера или букет цвеќиња се очигледниот избор, но доколку вложите малку повеќе внимание, ќе добиете многу повеќе поени. Започнете со готвење на романтична вечера, заедно со вино и запалени свеќи. Потоа, приредете ѝ масажа што нема да ја заборави или пак, доколку масирањето не ви е силна страна, подгответе топла бања со миризливи масла.

Подароци за секого

Еден од најчестите подароци за Св. Валентин во поново време се т.н. љубовни купони. Постојат најразлични темплејти кои можете да ги испечатите и само да впишете за што важат тие купони или пак да си направите свои, со многу малку мака и минимални материјали (хартија и пенкало). Купоните можат да важат за најразлични активности, од специјална сексуална активност, преку ослободување од домашните задачи во текот на една седмица, сѐ до грижа за децата во текот на ноќта, за имателот на купонот да може да се наспие. Во модерниот хаос во кој живееме, рачно напишаното љубовно писмо секогаш се гледа како убав подарок, кој потсетува на убавите времиња од минатиот век. Не грижете се за стилот и за содржината – едноставно ослободете ги емоциите, преточете ги во зборови и испишете ги на хартијата...