
Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ денеска на Плоштадот Мајка Тереза, кај колонадата на Скопје (пред Македонска Опера и балет), по повод 15. септември Меѓународниот ден на демократијата ќе ја промовира Декларацијата која го носи името „Повеќе учество, повеќе демократија“ на која ќе се обратат шефот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, како и претседателката на Унија на жени и портпарол на Владата Марија Митева.
Станува збор за политичка платформа со која Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ќе стави акцент на поголема политичка вклученост на жените во политичките процеси и јакнење на демократската политичка, како во партијата така и во општеството.
Во декларацијата се истакнува и определбата за слободна, демократска, суверена и европска Македонија, изградена врз владеењето на правото, одговорни институции, еднакви можности, како и почитување на човечкото достоинство и политичка одговорност.
Воедно, со оваа декларација Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ сака да отвори простор за нови идеи и поголемо учество на жените во носење на политички одлуки.
Во рамки на настанот, ќе се одржат и две последователни панел дискусии насловени учество како двигател на демократијата и улогата на политичките партии во демократското учество на кои ќе говорат министрите Тимчо Муцунски, Владо Мисајловски, како и членовите на Извршниот комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Елена Ивановска, Ана Шутиноска, Маре Богева Мицковска, Ленче Неловска, Елена Кочова и Драгана Арсова.