Стефани Стојаноска Наумческа (27) е млада уметница од Гостивар, која како што вели, неуморно работи на своите дела и секогаш сака уметноста да ја надоградува, учејќи нови работи. За неа, уметноста претставува љубов, страст и многу вложен труд.
Таа ѝ стана позната на јавноста со нејзината необична техника за боење со кафе, а подоцна и вино.
„Уметноста е талент , а талентот мора да се негува“, вели Стефани која се занимава со цртање и креативна работа од својата шестгодишна возраст.
„Кога зборуваме за уметноста, покрај талентот и праксата, многу е битно што ќе и како го направиш за да им биде интересно на останатите“, додава таа.
Стефани уште како мала започнала да црта во својата тетратка, на празните картони или дрвца околу неа.
„Имав една папка во која чував листови од А4 формат, ги цртав и собирав, ги чувам до ден-денес. Моите скромни почетоци беа лист, молив и пенкало – поточно се занимавав со графика. Често знаев навечер да седнам и да цртам било што до доцна во ноќта, бидејќи тоа ме исполнуваше и правеше среќна. Праксата си го прави своето, па така, од ден во ден станував сè подобра и подобра во цртањето“, раскажува Стефани за своите почетоци.
За време на короната, таа започнала интензивно да црта. Како што вели, тогаш сфатила дека треба да го сподели својот талент и смисла за уметност.
Стефани покрај техниката со боење со кафе или вино, ги владее и техниките на цртање графика, апстракција, акрил, мртва природа, пејзаж, (авто)портрети, карикатури, 3Д цртање, мандала, боење со сув пастел. Покрај тоа, црта и на стакло, дрво и камен итн.
„Во допир со техниките доаѓам од секојдневниот живот од она што ме опкружува, некогаш знам да видам нешто од интернет и сакам да го пресликам. На пример, таков е случајот со уметничките дела од Ван Гог ,Фрида Кало, Едвард Мунк и други. Уметноста е инспирација којашто те тера да создаваш нешто ново. Кога е во судир со креативноста, тогаш од ништо може да се направи нешто интересно“, вели таа.
Стефани додава дека сите техники ѝ се омилени, но доколку би морала да издвои, тогаш тоа би биле кафето и виното бидејќи се мошне интересни и несекојдневни.
„Секоја техника си има тежина на изработка и времетраење. Досега имам околу 200-250 дела, насликани на разни површини како: лист, камен, дрво, стакло итн. Учењето на техниките бара пракса, но доколку талентот е присутен, тогаш не е тешко да се изведе некоја нова техника. На пример, за техниката со кафе, талогот го користам за тонирање со цел да добијам барем три нијанси од светла до најтемна“, раскажува таа.
Стефани досега немала изложба, но есенва или најдоцна до следната пролет, планира да ја реализира својата прва самостојба изложба. Има продадено доста од нејзините дела и тоа не само во Македонија, туку и надвор од неа.
„Многу е битно некој да ти го примети талентот. Уметноста бара многу концентрација и искажување преку делата. Таа смирува и опушта доколку уживаш во неа“, вели таа.
Што се однесува до нејзините идни планови, покрај изложбата, планира да продолжи да бара и истражува нови уметнички техники. Себеси понатака се гледа како уште поуспешен уметник со многу нови интересни дела и успеси.