Уличните кучиња и натаму проблем на Скопје - ги има и на најурбаните локации

Речиси секојдневно во полицискиот билтен се нотирани случаи на каснување од куче на подрачјето на Скопје.

Не ретко страдаат деца, но и повозрасни граѓани кои освен физички повреди се соочуваат и со психолошки стрес поради нападите од агресивните улични кучиња.

По неколку кучиња или пак цела глутница – ги има секаде. И во центар на градскиот плоштад, на кеј, околу трговскиот „Бисер“ во Аеродром, околу железничка...

-Пријавуваме ние од Топанско, Чаир ама се множат, наместо да ги снема, реагира жител на овој дел на Скопје.

-Пред Бисер кај Силбо има премногу.

-Во Радишани децата не може слободно да одат по улица од толку многу кучиња, особено кај првиот влез, се жали жителка на скопската населба Радишани.

-Сликата со улични кучиња е честа во Скопје. Трчаат и лаат. Со дете е страшно да се помине на некои локации. Страшно е зад трговскиот „Капитол“ во строг Аеродром, кај трите воени кули, вели една скопјанка.

-Особено на ладново е страшно бидејќи се бесни за храна. Најважен совет што можам да го дадат до скопјани е да им фрлаат по малку храна и да не се плашат и да не паничат кога улично куче ќе почне да им се доближува. Сепак, има луѓе наоколку нека повикаат за помош, советува еден скопјанец.

Доколку се соочувате со проблем од глутница кучиња или агресивно куче во вашето населено место, од ЈП Лајка повикуваат да пријавите. Пријавувањето може да го извршите на електронската адреса prijavi@lajka.com.mk, со цел екипата на ЈП Лајка да постапи на терен по вашата пријава. Вашата пријава потребно е да содржи фотографии или видео од кучето или глутницата од кучиња.