Од споменикот посветен на децата бегалци од Егејска Македонија, поставен во паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје, е украден бронзениот релјеф кој прикажува мајка со три деца – симбол на егзодусот и страдањето на илјадници деца за време на Граѓанската војна во Грција (1946–1949).
Релјефот, дело на скулпторот Насо Беќаровски, е дел од споменикот чиј автор е архитектката Даница Павловска-Циги. Таа на 10 април јавно реагираше:
„Многу страшно е денес. Вандалски, дрско и криминално е украден релјефот од бакар и емотивната порака во натписот ‘Татковината – копнеж на прогонетите’. Но, најстрашно е што скоро никој не реагира. Убива таа рамнодушност.“
Според неа, и покрај тоа што случајот е пријавен во полиција, реакција од институциите речиси и да нема.
Од Министерството за внатрешни работи вчера соопштија дека во СВР Скопје било пријавено оти со употреба на физичка сила е одземена спомен-плоча од споменикот и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. Град Скопје, пак, се изјасни дека не е надлежен за споменикот, а од Министерството за култура сè уште нема одговор дали ќе се преземат мерки за негова обнова.
Веста на социјалните мрежи ја сподели и уметникот Никола Пијанманов, кој напиша:
„Отиде и убавиот бронзен релјеф на уметникот Насо Беќаровски. Во сред центар на метрополата, на неколку десетина метри од Собранието. Отиде во некоја депонија за старо железо. Не постои метропола во светот (која не е во војна) што ги губи толку лесно културните и уметничките кодови.“
Споменикот е поставен на 30 јуни 1988 година, по повод Првата светска средба на децата бегалци, и е посветен на над 20.000 деца жртви на прогонствата. Во 2020 година, за време на мандатот на тогашниот градоначалник Петре Шилегов, беше извршена негова реконструкција, но денес повторно сведочиме на негрижа, рамнодушност и губење на културното паметење.