Украден па вратен автомобил што скопјанец го оставил со вклучен мотор пред маркет во Скопје

Две непознати лица вчера околу 8.40 часот украле автомобил „ланд ровер – ренџер спорт“ на скопјанецот С.Е. (24) кога тој застанал пред маркет на улица „Московска“ и возилото го оставил незаклучено и со вклучен мотор.

Сопственикот на автомобилот слушнал отворање на врата од возило, се обидел да ги спречи крадците во намерата, но двајцата сторители со голема брзина го стартувале возилото и заминале во непознат правец.

Околу 9 часот полициски службеници го пронашле отворено возилото на патот Скопје – Тетово, во близина на село Ласкарци. Во 14 часот возилото му било вратено на пријавителот.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.