Укината наградата на град Скопје за најдобра фотографија од дома откако син на пратеничка доби 100 евра

Фотографијата на Петар Прентовиќ е победник на вчерашниот ден, на конкурсот на Град Скопје за избор на автентични фотографии, видеа или гифови од домовите на граѓаните кои го поминуваат времето во изолација сами, со нивните семејства или со милениците.

Фотографијата на Прентовиќ, која на интересен начин го истражува тројството во секојдневието и на мошне креативен начин го доловува расположението на скопјани во овој историски миг, е избрана во конкуренција од голем број на фотографии,  соопшти град Скопје.

До тие ли 100 евра ви дојде ли, беа еден од коментарите на социјалните мрежи.

По само три дена од кампањата „Скопје дома“, поради низата лоши коментари, Град Скопје реши да ја укине паричната наградата од 100 евра која требаше да ја доделува секој ден за една најкреативна фотографија направена дома.

Градот ја организираше кампањата на социјалните медиуми за поддршка на мерките на Министерството за здравство за повикување и охрабрување на граѓаните на главниот град да го поминуваат времето во своите домови. Поради појавените негативни коментари и немањето потреба оваа кампања да предизвикува контроверзии во јавноста, решивме од денеска да ја укинеме паричната награда на конкурсот“, велат од град Скопје.

Оваа кампања, посочуваат оттаму, било планирано да трае 30 дена и секој ден да се доделува по една награда од 100 евра. Сега кампањата ќе продолжи, и понатаму ќе се избира најкреативна фотографија, но нема да се доделува награда.

Сметаме дека на Скопјани не им е потребен единствено финансиски поттик за да меѓусебно се охрабруваат како креативно да го поминат времето дома, потенцираа од град Скопје.