УЈП: Половина милион граѓани уште годинава ќе поднесуваат Годишна даночна пријава

Околу половина милион македонски граѓани годинава последен пат имаат обврска да поднесат Годишна даночна пријава во Управата за јавни приходи. Од следната година пријавата ќе ја пополнува УЈП, а граѓаните само ќе ја потврдуваат или ќе ја коригираат, а се тоа ќе се одвива електронски.

Од даночна управа потсетуваат дека ГДП треба да се поднесе најдоцна до 15 наредниот месец и тоа на шалтер, по пошта, а оние кои имаат дигитален сертификат – електронски. Рокот за поднесување тече и до според податоците на УЈП до крајот на минатиот месец ГДП поднеле вкупно 2.420 граѓани, од кои 2.300 во хартиена форма, а 120 преку системот е-даноци.

– Поднесувањето на ГДП е од 1 јануари до 15 март. Досега се поднесени речиси ист број пријави како лани в истиот период, така што може да се повтори старата практика да се чека последниот момент. Лани беа поднесени вкупно 439.685 ГДП, а и годинава се очекува сличен број, околу половина милион, велат од УЈП.

Годишна даночна пријава за платениот персонален данок на доход треба да поднесат сите резиденти на Република Македонија кои во текот на минатата 2017 година оствариле дополнителни приходи покрај оние од плата, пензија, земјоделска дејност и самостојно вршење на дејност. Конкретно, ГДП се поднесува за приходите остварени во земјата и во странство од награди, бонуси и други надоместоци од работен однос, кирии (издавање на имот – закуп или подзакуп), авторски права и права од индустриска сопственост, дивиденди, учество во добивката и камати по заеми дадени на физички и правни лица, капитални добивки од продажба на учество во капитал и недвижен имот, добивки од лотариски игри на среќа, електронски игри на среќа, наградни игри и интерактивни игри на среќа, во износ поголем од 5.000 денари по поединечна добивка, приходи од игри на среќа преку специјализирани странски интернет страници, приходи од интернет на пример е-трговија, услуги извршени преку специјализирани страни, поставување реклами на сопствени интернет страни, прогнози – дојави на типови за спортски натпревари, лични примања од странство за активности поврзани со работењето во Република Македонија, работно ангажирање во амбасада, во меѓународна организација и други дополнителни видови на приходи, остварени надвор од редовната плата или пензија.

Од УЈП апелираат до граѓаните навреме да ја поднесат ГДП годинава за да не се создаваат вообичаените метежи во последните денови. Исто така, информираат дека е активен системот е-персонален данок преку кој следната година ќе се пријавува, пресметува и плаќа персоналниот данок, па граѓаните можат уште отсега да се регистрираат на него.

– Новиот начин на поднесување ГДП ќе почне од следната година, но на обврзниците им даваме рок од една година да се регистрираат на системот е-персонален данок, за да не се случи следната година, тоа да се прави во последен момент, посочуваат од Управата.

Инаку, од следната година Управата за јавни приходи до 30 април ќе ги пополнува сите годишни даночни пријави и по електронска пошта ќе ги доставува до граѓаните. Тие, пак, до 31 мај ќе треба да ја потврдат или да ја коригираат. Ако УЈП ја прифати коригираната ГДП, ако има потреба од доплата на персоналец, ќе треба да се плати. Даночниците информираат дека во системот е-Персонален данок е предвидено решение и за граѓаните кои не знаат да работат со компјутери или немаат електронска пошта. Освен лично, предвидена е опција пријавата да ја потврди или коригира и сметководител или лице на кое му е дадено полномошно.