УЈП нема да ги користи податоците за висина на износ на трансакциска сметка и динамика на потрошувачка

За претпополнетата годишна даночна пријава апсолутно е ирелевантно да користиме податоци за висина на износ на трансакциска сметка, начин на користење, состојба на сметка и најостро ги демантираме овие тврдења, велат од УЈП. Нивната изјава се однесува на информациите што деновиве беа објавени во врска со новиот Закон за банкарството, со кој УЈП електронски ќе добива податоци од банките, потребни за изготвување на годишната даночна пријава на граѓаните.

Исто така, од таму тврдат дека во согласност со насоките од Дирекцијата за заштита на личните податоци изготвиле предлог за измената и дополнувањето на Законот за Управата за јавни приходи, во чии одредби се вклучени рамката за протокот на овие податоци, нивната содржина, динамиката за достава, како и стандардите за сигурност и заштита на личните податоци на граѓаните, а во насока на усогласување со Законот за заштита на личните податоци.

„За да може да се стави во функција автомастката размена на податоците помеѓу УЈП и банките за цели на издавање пополнета годишна даночна пријава, освен измените на Законот за банките, потребно е да се донесат измени на Законот за Управата за јавни приходи. Исто така, при размената ќе се применуваат ИТ-безбедносните стандарди и политики за сигурност од новиот систем Е-персонален данок, кој ги исполнува стандардите за безбедност и кој беше воведен со ЕУ ИПА-проект“, велат од УЈП.

УЈП ги има податоците за приходите во земјата, но останала потребата од законски измени за добивање на податоците за приходите остварени во странство, кои претходно самите граѓани ги доставуваа како прилог во годишната даночна пријава.

„УЈП со предвидените законски измени нема да има пристап до податоците за трошења на граѓаните. Управата за јавни приходи нема да врши увид во сметките на даночните обврзници, ниту има потреба од податоци за приватност, начин и навики на живеење или тенденција на потрошувачка активност. Тие податоци воопшто не се потребни за изготвување на претпополнетата годишна даночна пријава од страна на УЈП. Исто така, потенцираме дека УЈП воопшто нема потреба, ниту е предвидено да ги добива или користи податоците за висина на износ на трансакциска сметка, начин на користење, состојба на сметка и сл. преку електронската размена на податоци со банките. На Управата за јавни приходи ѝ се потребни податоци за приливи и одливи на физички лица кон земјата и странство, кои може да подлежат на даночење, без воопшто да задира во состојбата на сметката или друг вид трансакции. Овие податоци, кои претходно даночните обврзници самите ги доставуваа како прилог кон годишната даночна пријава, сега УЈП ќе треба да ги внесува во пополнетата годишна даночна пријава, а граѓаните да ги потврдат или коригираат“, објаснуваат тие.