УЈП ќе има податоци за 100.000 трансакции месечно

Управата за јавни приходи тврди дека е подготвена за реформата во делот на утврдувањето и плаќањето на персоналниот данок на доход.

Со измена на Законот за банки, за што е во тек  јавна расправа, како и на Законот за Управа за јавни приходи, ќе се овозможи автоматизирање на размената на податоци помеѓу даночната администрација и банките за УЈП да може да ја издава годишната даночна пријава, што ќе стартува од 2019 година, пренесе Независен.

УЈП ќе ги добива од банките податоците за приливите на граѓаните, резиденти на Македонија од странство.

- „Според првичните информации добиени од банките, станува збор за околу 100.000 трансакции, (не лица), на месечно ниво, но дали ваквите трендови ќе се задржат и во наредните години зависи од тоа колку граѓаните ќе остваруваат приливи од странство“, велат од УЈП.

Велат оти шпекулации се тврдењата за некакви увиди во трошења на граѓаните и во нивните платежни картички и дека тоа не е предмет на интерес на УЈП.