УЈП им наплаќала на граѓаните 300 денари за образец што треба да го потполнат за да им бидат вратени 290 денари за радиодифузна такса

При враќање на парите за радиодифузна такса на граѓаните, Управата за јавни приходи им наплаќала на граѓаните 300 денари за образец што треба да го пополнат за да им бидат вратени 290 денари, алармираше народниот правобранител, Иџет Мемети презентирајќи го годишниот извештај.

Според него Управата за јавни приходи постапувала спротивно на човековите права.

-Ова е парадоксално постапување на УЈП, рече Мемети.

Од минатогодишната работа, според Мемети, произлегуваат неколку исклучително важни констатации:„Селективната правда е се поприсутна, партизираната и непрофесионална јавна админситрација на централно, а особено на локално ниво е сериозна пречка во остварување на правата на граѓаните, популистичките и неприменливите правни прописи дополнително го отежнуваат остварувањето на правата на граѓаните, лошиот систем на извршување особено го погодува најсиромашниот слој граѓани, социјалната заштита останува систем со кој не се надминува социјалниот ризик, имаме појава на дискриминација по сите основи, неефикасно судство и обвинителство, но и полиција која со примена на сила ги надминува своите овластувања, останувајќи неказнета“.