УЈП ги објави податоците, бојкотот го преполовил прометот на маркетите

Управата за јавни приходи ги објави податоците од вчерашниот бојкот на маркетите. Во нивниот систем за регистирање готовински промет (GPRS) како што соопштува управата прометот на најголемите осум ланци на маркети на територијата е намален за речиси 50 отсто. Како споредба Управата ги зема деновите 24, 30 и 31 јануари од оваа година.

„Во петок, 31.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари.
- Во четврток, 30.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 212,782,151 денари.
- Во петок, 24.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 213,985,705 денари.

Според споредбената анализа на податоците, во петок, 31.01.2025 година во однос на петок, 24.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.59%.
Во петок, 31.01.2025 година, во однос на четврток, 30.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.29%.“ се вели во соопштението на УЈП.

Од УЈП додаваат дека ќе продолжат со мониторирање и анализа на овие трендови, како и информирање на јавноста за сите важни податоци кои ќе имаат влијание на економијата.