УХМР: Какво ќе биде летото во Македонија?

Летото 2021 се очекува дека ќе биде потопло, со поголема веројатност за позитивни отстапувања на температурата на воздухот од многугодишните просеци и врнежи во рамките на просекот. За територијата на Република Македонија постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите е предвидено дека може да достигне и до 3°C во североисточниот регион (слика 1). Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот за оваа сезона се очекува да биде во јули.

Ова денеска го соопшти Управата за хидрометеоролошки работи повикувајќи се на прогностичките материјали што ги превзема од Европскиот Центар за Среднорочна Прогноза на Времето (ECMWF) во Рединг, Виртуелниот Центар за Климатски Промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC), како и останатите светски прогностички центри.

Предвидувањата за климатските изгледи за лето 2021 се базираат на динамички модели, статистички модели и телеконекции на климатски карактеристики од поголеми размери. Моменталните анализи на движечките фактори (NAO, ENSO…) преточени преку голем број на глобални компјутерски модели за предвидувањa го покажуваат најверојатното климатско сценарио за ова лето, посочуваат од УХМР.

-Условите на Ла Ниња кои се повеќе слабеат последниве месеци, се очекува да преминат во неутрални за време на летната сезона. Температурите на површината на морето имаат позитивни отстапувања над Атлантскиот Океан и јужно од Гренланд и негативни отстапувања над Северното море. Ова ќе придонесе до зголемување на притисокот на воздухот над поголем дел од централна Европа, се наведува во прогнозата.

Според анализите за целиот југоисточен регион на Европа, се предвидува летни температури да достигнат надпросечни вредности. За територијата на Република Македонија постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите е предвидено дека може да достигне и до 3°C во североисточниот регион (слика 1). Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот за оваа сезона се очекува да биде во јули.

Несигурноста кај регионалните предвидувања за врнежите е секогаш поголема во однос на температурата, посочуваат од УХМР и наведуваат дека исто така јасен сигнал нема ни за територијата на целиот југоисточен регион на Европа, а ни за Македонија, каде моделите предвидуваат дека не се очекуваат големи отстапки од досегашните просечни вредности. Во планинските делови постои голема веројатност дека просечните врнежи ќе бидат надминати поради епизоди на засилена конвекција и појава на обилни врнежи.

Температурниот опсег на многугодишниот просек 1981-2010 за летната сезона во Република Македонија е од 16.0°C во планинските предели до 25.3°C измерени во Гевгелија. Врнежите во овој период се во границите од 23.9mm измерени на метеоролошката станица во Штип до 96,7mm во Маврово.

Многугодишниот просек (1981-2010) на температурата на воздухот во Скопје за јуни, јули и август изнесува 21.9°C, 24.2° и 23.9° C, соодветно.

Многугодишната (1981-2010) просечна количина на врнежи во Скопје за јуни, јули и август изнесува 44.0mm, 37.6 mm и 34.4mm, соодветно, посочуваат од УХМР.

Сезонскиот изглед на времето е научен пристап кој овозможува информации за климатските карактеристики за неколку месеци или сезони однапред. Во престојната летна сезона секако постои веројатност да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори. За дополнителни и навремени информации потребно е редовно следење на подеталните краткорочни прогнози, кои редовно и вонредно ги издава Управата за хидрометеоролошки работи. (МИА