Угостителските објекти се затвораат од утре: Без основни приходи ќе останат околу 30.000 граѓани, бараат итна финансиска помош

Угостителските објекти, како и угостителскиот дел од обложувалниците се затвораат од утре за гости. Ваква одлука вчера донесе владата на одржаната седница во рамки на новиот пакет рестриктивни мерки.

Властите посочија дека новите рестриктивни мерки имаат за цел да се намали оптоварувањето на здравствениот систем, како и да се избегне потенцијално затворање за верските празници Велигден и Бајрам.

Одлуката за затворање ќе трае до 20 април 2021 година, а како што соопшти Владата по вчерашната седница, објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.

Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна, а исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителскиоте објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори бара итна финансиска помош за овој сектор по одлуката на Владата за затворање на угостителските објекти како дел од рестриктивните мерки за спречување на ширењето на Ковид-19.

Според проценките на Комората, без основни приходи ќе останат околу 30 илјади граѓани кои работат во овој сектор.

– Со оглед на моменталните услови, ја разбираме потребната од носењето на нови рестриктивни мерки кои треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но, во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите кои поради одлуката затворањето ќе останат без било какви приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места, вели Мартин Анѓеловски од Туристичко-угостителската комора.

Од Комората посочуваат дека овој сектор е еден од најзасегнатите од кризата предизвикана од пандемијата и оти граѓаните кои работат во овој сектор тонат во долгови.