Угостителите ќе достават нови предлози за поддршка, се разговара и за мерки за повторно работење

Претставниците на угостителскиот сектор до понеделник треба да ги достават сите нивни предлози за начинот на поддршка од државата, но и за користењето на Фондот за туризам преку кој сега се на располагање 95 милиони денари. Веќе се размислува и за мерките со кои би се вратиле повторно во нормално работење за кое постои размислување да биде за неполн месец.

На денешната средба на угостителите со министрите за финансии и за економија Нина Ангеловска и Крешник Бектеши се разјаснети дилемите и нејаснотиите околу постојните мерки и им биле претставени измените на  условите за користење на поддршката со новите владини уредби, а за кои што имаше реакции од угостителите изминатиот период. Откако ќе достават предлози разликите треба да се испеглаат до вторник по што ќе биде објавено кои се новите мерки со кои ќе добие поддршка угостителскиот сектор кој е меѓу трите најпогодени со здравствено-економската криза.

Како што информираше Ангеловска, на средбата ги разјасниле нејасностиите во однос на начинот како е дизјанирана мерката за бескаматните кредити преку Развојната банка и ги информирале угостителите за изменетата владина Уредбата со која е сменет условот за користење на мерката од страна на малите и микро фирмите за управителите, како и дека е променет условот за задржување на бројот на вработени до јули наместо до септември. -Расчистена е и дилимата дека мерката  може да се користи од страна на секоја компанија која има пад на приходите за 30 проценти, за сите работници кои имаат плата до 39.000 денари нето и кои користат конкретно активни ослободувања од придонеси и персонален данок, рече Ангеловска, повторувајќи дека мерката е дизјанирана на начин да биде многу лесна за користење.

Таа најави дека Развојната банка наскоро ќе ја пушти втората кредитна линија од осум милиони евра и оти при условите за аплицирање ќе бидат земени предвид  критиките за обезбедување на потврдата за платени давачки од Управата за јавни приходи. – Овие документи ќе ги вади Развојната банка, а износот на кредитите ќе изнесува до 90 илјади евра согласно бројот на вработени. Таа  ќе биде отворена за трите погодени сектори, но и за сите други погодени сектори со слични услови на димензионирање на погоденост како што е моменталната мерка, рече Ангеловска.

Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека ги повикале претставнииците на угоститескиот сектор до понеделник да ги достават сите нивни предлози и барања за поддршка и оти им укажале дека преку Фондот за туризам се одвоени 95 милиони денари, а се во комуникација со други институции за зголемување на овие средства.

-Се договоравме до понеделник да достават конкретни предлози на начин како да се креираат мерките и како да се подготви програмата за Фондот за туризам, а во вторник имаме закажано состанок на кој ќе ги разговараме сите предлози и откако ќе бидат испеглани ќе ја инфрмираме и јавноста и сите субјекти од овој сектор, рече Бектеши.

-Претставникот на угостителите Ангеловски истакна дека имале конструктивен состанок со позитивен дијалог и разговарале за сите нови мерки и  за нивните предлози што сакаат да ги достават.

-Во делот за новите мерки, односно уредби што ги донесе Владата, покажаа позитивен чекор за некои од работите што ние ги укажувавме  и се надеваме дека ќе продолжи ваквата соработка. Ќе се потрудиме да ги пренесеме најдобро што можеме нашите мерки. На прво место во сите мерки што ги разговара угостителскиот сектор приматот го става на тоа како да ги задржиме нашите работници и како да добиеме најмногу средства за нив.  Ние гледаме да направиме се што можеме како угостители за целиот овој процес да оди во позитивен правец. Има уште многу работи да се договорат, но како што кажав се надеваме дека ова ќе биде еден добар позтивен тренд, укажа Ангеловски.

Дополнително ќе ги анализираат измените на уредбите, а од Министерството за финансии побарале толкување за повикувањето на законот за постапувањето  при виша сила. Дале предлози во контекст на нивните примарни барања да се добие минимална бруто плата за вработените во секторот.

Како што рече Ангеловска, се разговара и за следните мерки кога ќе дојде фазата на обнова. Ова на долг рок не може да го издржи ниедна економија. Мора да креираме мерки и да се прилагодуваме за кога ова ќе почне да се олабавува. Тоа за угостителоскиот сектор значи дека коморите, епидемилозите и засегнатите институции ќе креираат план како кога ќе отворат за неполн месец како што  разговара министерот за здравство, како ќе работат тие. Ако ресторан кој имал 10 маси, дали сега ќе има три, дали сите треба да носат маски и ракаваци, заштитна опрема, кои ќе бидат условите во кујната. Ние разговараме за олабавување и за враќање во нормала и во тоа секако дека ќе треба мерки за прилагодување и помагање на овие сектори што побрзо да се опорават, рече Ангеловска, посочувајќи дека сите мора да го носат товарот но оти да се носат реални и краткорочни и долгорочни мерки кои ќе ја вратат стабилноста на  економијата и државата.