
Државата преку лицитација продава 71 говедо од фамозниот случај во Крива Паланка, од големото стадо кое со години предизвикуваше проблеми во регионот околу повеќе села.
По многу реакции кај жителите, повеќе апсења на сопствениците и институционални препукувања, објавен е огласот со кој тие се продаваат, објави порталот „Фактор“.
Во одговор на прашање од порталот, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопштила дека 21 говедо од оние кои беа заловени од АХВ, угинале од ноември наваму. Според Агенцијата, животните главно угинале од агресивност едни кон други, бидејќи не се научени на престој во штала и целиот живот досега го поминале слободни, движејќи се на отворен простор.
-Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од 22.11.2025 година, досега одзема и залови вкупно 92 говеда од различен пол, старост и категорија. Од нив, 57 се идентификувани со ушни маркички, а 35 се без идентификациска ознака. Од вкупниот број одземени и заловени говеда, досега 21 говедо е угинато, од различна етиологија, најголемиот дел поради насилна смрт (самоповредување). Станува збор за животни кои досега не биле шталски чувани, односно живееле и се размножувале слободно, во природа. По нивното заловување и чување во затворен простор (штала), дел од говедата, меѓусебно се повредуваат, изразувајќи агресивност, особено возрасните машки единки кон помалите - велат од АХВ за „Фактор“.
Одговорот, според порталот, отвора прашања за условите во кои биле чувани животните, капацитетот на шталата, раздвојувањето по возраст и пол, надзорот врз агресивните единки и навременото информирање на јавноста за угинувањето на толкав број грла.
Владата пред една недела донела одлука да ги продаде говедата (48 крави и 23 бикови и волови), на лицитација со почетна цена од над 50.000 евра за 71 грло.