Угинаа животни, се појави птичји грип...Ќе остане ли Скопје без Зоолошка градина?

Ќе остане ли главниот град Скопје без Зоолошка градина - прашање кое е особено актуелно во последниов период! Со последните случувања, скопската Зоолошка е тема на голем број дискусии - до тоа дека треба да се затвори. 

Иницијативата и советничка група во советот на Град Скопје Зелен Хуман град предлага мораториум на внес на нови животни во ЗОО Скопје, но ова не помина кај советниците на Град Скопје. 

- Според достапните информации, во Зоолошката градина во 2022 и 2023 година угинале 18 животни. Бевме сведоци и на масовно колење на 10 коњи со образложение дека биле болни. Во сите овие случаи никој не поднесе одговорност ниту имаше правна разрешница. Дополнително, скопската Зоолошка градина го изгуби кандидатскиот статус за членство во ЕАЗА затоа што не ги исполнува стандардите потребни за членство, стои во иницијативата на „Зелен хуман град“.

Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, на седница на Советот на Град Скопје истакна дека животните во Зоолошката градина не се виновни за тоона што им се случува поради неспособноста на кадрите на градоначалничката Арсовска. 

„На ова раководство на Градот и на Зоолошката градина им се бројат деновите и месеците. Кој и да дојде потоа јас сум уверен дека веднаш ќе настане една револуција во скопската Зоолошката градина затоа што кој било градоначалник по оваа градоначалничка, ќе си го сака многу повеќе Скопје од неа“, нагласи Кирков. 

Скопската Зоолошка градина од 19.октомври е затворена за посетители.