Училиштето „Живко Брајковски” во Бутел денеска го слави својот патрон празник

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски сподели дека денеска го слават патрониот празник на општинското училиште „Живко Брајковски”.

„Годинава го одбележуваме патрониот празник на нашето општинско училиште под мотото „Со зборот растеме, со јазикот постоиме“. Со особена чест и гордост го одбележуваме патронатот на нашето училиште – ден исполнет со радост, успеси и заедништво. Во текот на учебната година, учениците и наставниците активно работеа на бројни проекти, покажувајќи креативност, знаење и тимска работа. Преку различни активности, работилници и иницијативи, нашето училиште уште еднаш потврди дека е место каде се негуваат вистинските вредности и таленти“, истакна Костовски.

Во објавата на Фејсбук тој упати благодарност до наставниците, за кои вели дека се столбот на училиштето.

„Тие се оние кои со љубов кон својата професија, со труд и со посветеност, секојдневно ги водат учениците по патот на знаењето. Нивниот ангажман не се мери само со часовите одржани пред табла, туку и со безбројни моменти со кои инспирираат, поддржуваат и мотивираат“, нагласи градоначалникот и воедно порача дека ќе продолжат континуирано со развивање на образованието и збогатување на содржините во училишните дворови на Општина Бутел.