Училиштето „Димитар Македонски“ во Лисиче од 1. септември воведува едносменска настава

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески информираше дека основното училиште „Димитар Македонски“ во населба Лисиче, новата учебна година ќе ја стартува со едносменска настава.

Денеска Митески изврши увид во градежните активности во училиштето, каде што интензивно се работи на создавање услови за воведување на едносменска настава од 1 септември.

„Летниот распуст го користиме максимално за уредување и адаптација на училиштето, со цел учениците новата учебна година да ја започнат во подобри, поквалитетни и помодерни услови“, истакна тој.

Според новата организација на наставата:

  •  учениците од VI, VII, VIII и IX одделение ќе посетуваат настава во прва смена;
  •  учениците од I до III одделение ќе бидат опфатени со целодневна настава;
  •  учениците од IV и V одделение ќе ротираат во прва и втора смена.

„Со воведувањето на едносменската настава создаваме услови за поквалитетен воспитно-образовен процес, подобра концентрација и резултати во учењето, повеќе време за дополнителни активности, спорт и дружење, изработка на училишните обврски со поддршка од наставниците, постабилен дневен ритам и повеќе квалитетно време поминато со семејството. Општина Аеродром веќе успешно го воведе овој модел во ООУ „Александар Македонски“, а продолжуваме да ги создаваме истите можности и за учениците во ООУ „Димитар Македонски“, порача градоначалникот.