Училиштата во Карпош добија нова ИТ опрема

Во рамки на Програмата за активностите од областа на образованието при Општина Карпош, денеска, во ООУ „Димо Хаџи Димов”, градоначалникот Стевчо Јакимовски, на секое училиште додели целосно нова ИТ опрема. Осовременувањето на наставата со нагледни и дидактички материјали е вистинска потреба во денешно време. Новите училишни програми, налагаат секое училиште да има услови за работа, современи техники при изучување на предметите како и користење на нови приоди во учењето на наставните единици.

Имено, локалната самоуправа, за оваа намена издвои 1.5 милиони денари, а набавени се 17 смарт табли (интерактивна табла, проектор, држач и кабел), шест преносливи компјутери, пет ЛЦД проектори, еден ласерски печатач во боја, едно платно за проекција ѕидно со монтажа, две ламинатор А3/А4 формат, десет сета од тастатура со глувче, четири надворешни уреди за складирање и две А3 портабл 3Д скенер.

Првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски во својот говор истакна дека освен реконструкцијата на училиштата, потребно е и нова ИТ опрема, за целосно дигитализирање на училиштата на територија на Карпош.

-Ќе се потрудиме во секое училиште да набавиме околу 30 нови компјутери, а училниците во кои се изучува предметот компјутерски науки да добијат најсовремени компјутери. Останува да набавиме уште 128 смарт табли, или смарт телевизори, но сите ученици од трето па до деветто одделение, ќе имаат можност да креираат на смарт табли или телевизори. Ова го правиме се со цел, децата уште од најмала возраст да се запознаат со електронските уреди затоа што ова е електронска доба, па така, добро е ние да сме во чекор со овој тренд. Покрај ова, веќе во седум училишта имаме фотоволтаични системи, бидејќи овие смарт табли и телевизори ќе ја зголемат потрошувачката на електрична енергија, а овој систем ќе помогне да имаме пониски сметки за струја преку целата година. – посочи Јакимовски.

Задоволство е да се престојува во училиштата во Општина Карпош, во кои хигиената и современите услови се на највисоко ниво. Целосно опремени училници по природни науки, хемија, биологија и физика, кабинети од кои излегуваат првенци на генерација со освоени награди на државни и меѓународни натпревари.