Како што домашните и задачите во училиште се значаен дел од развојот на децата, така треба да биде и за задолженијата во домот. Тие треба да му помогнат на детето да биде одговорно и самостојно, но и да води грижа за нештата околу себе.
Живееме во ера во која секоја информација ни е лесно достапна и воопшто не е луксуз да се дојде до некакво знаење. Децата имаат многу можности како во рамки на училиштето и формалното образование, така и надвор од него во дополнителните активности.
Од друга страна пак, улогата на семејството се менува значително во последно време. Родителите се многу отсутни од домот поради своите обврски, па се поголем дел од слободните активности на децата се поврзани со нешто што децата можат да го добијат многу лесно, со еден клик. Живееме во дигитална ера и треба да сме свесни за тоа.
Иако улогата на училиштата е огромна за развојот на децата, сепак често се занемарува улогата, односно влијанието на семејството. Многу психолози истакнуваат дека градењето на систем на добро однесување и вредности треба да се одвива во рамки на семејството. Дополнително, тие посочуваат дека токму таквите вредности, морален кодекс и начин на однесување за значаен фактор, односно предуслов за успехот на една индивидуа.
Оценките се важен аспект за учењето и успехот, но тие не се и не треба да бидат најважниот елемент. Не постои ништо лошо во тоа да се биде успешен на училиште, но за да се биде добра и одговорна личност, треба многу повеќе од петки во дневник, истакнуваат тие. Децата треба да научат да се носат со грешките и неуспесите, но и да бидат ставани во ситуации во кои можеби ќе треба да научат некои работи. Родителите често го тргаат тој ризик од децата, секогаш помагајќи им и ставајќи ги во ситуации во кои мора да успеат. Исто така, кога детето добива лоша оценка, тие често го обвинуваат наставникот, а не разговараат со своето дете каде би можел да биде проблемот во конкретната ситуација. На тој начин, тие мислејќи дека му помагаат на своето дете да биде успешно, всушност создаваат арогантни деца кои мислат дека секогаш се во право и не знаат за авторитети.
Според психолозите, главното мерило за успехот не е самата оценка, туку и процесот на учење, наоѓањето начини да се надминат грешките, но и да се научат важни лекции од нив. Петките се тука и лесно може да се дојде до нив, но всушност процесот е важен фактор кој од нас прави здрави, среќни и одговорни поединци.