Учесниците на Парадата на гордоста ќе бидат безбедни, гарантира МВР

Организаторите на првата парада на гордоста, заедно со портпаролот на МВР, изјавија дека за безбедноста на учесниците полицијата ќе биде максимално ангажирана.

МВР ги презема сите мерки за да го гарантира јавниот ред и мир. Каков било обид за насилство ќе биде најстрого санкциониран – кажа на прес-конференцијата, портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Кочо Андоновски од „Скопје прајд“, рече дека очекуваат меѓу 200 и 500 учесници на парадата, што е одлична бројка за настан кој се одржува првпат кај нас. Настанот ќе почне во „Жена борец”, а ќе заврши во школката кај Градскиот парк, каде што е предвидено да говори министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и други говорници. За забавата ќе има диџеи, ќе настапат Тамара Тодевска и други естрадни уметници.

Eвидентни се обидите со омраза да се засили порака на еднаквост и вклучување. Евидентни се обидите да се потцени можноста отворено да разговараме за хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, кои не само што носат до ситуации на нееднаквсот, туку и го зголемуваат ризикот од насилство врз ЛГБТ заедницата – рече Андоновски.

Антонио Михајлов од организацијата на „Скопје прајд“, рече дека имаат поддршка од министри и пратеници, а очекуваат гости од соседните држави: Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово, Црна Гора…

Од земјите во регионот само Македонија и Босна и Херцеговина досега не одржале парада на гордоста. Во Сараево првиот ваков настан ќе се одржи во септември годинава.