Учениците со мерак ќе одат на училиште: Затворени базени ќе се градат во Kарпош

Два затворени базени и повеќенаменска спортска сала се најновите проекти на скопската општина Карпош за унапредување на наставата во основните училишта на нејзина територија.

Локалните власти распишаа три тендери за реализација на планираните спортски објекти, чија проценета вредност изнесува 1,8 милиони евра. Затворените базени во училиштата ќе бидат долги 20 метри, широки 10 метри, со променлива длабочина од 70 сантименти до 1,2 метри. За базените веќе е изготвена проектна документација, а зелено светло за проектот во март годинава даде и Советот на општината.

Првите два базена ќе почнат да се градат во текот на 2016 година, два дополнителни објекти се планирани за 2017 година, а останатите шест ќе се изведат во наредните години.

Општина Карпош планира да изгради мини базени во сите основни училишта, со што учениците ќе се стимулираат да научат пливање и да вежбаат водени спортови уште во најрана возраст. Заинтересираните фирми имаат рок до 27 септември за да ги достават понудите за учество на распишаниот тендер. Главен критериум при изборот на изведувач на работите е најниската цена поднесена во понудата.