Учениците од ОУ „Песталоци” во посета на лабораторијата на ЈП Водовод и канализација – Скопје

На едукативна посета во лабораторијата на ЈП Водовод и канализација – Скопје, околу 100 ученици од Основното училиште „Песталоци” на возраст од 7 до 8 години, одблиску имаа можност да се запознаат со функционирањето на претпријатието.

За време на посетата, тимот од лабораторијата преку интересна презентација, ги едуцираше најмладите за значењето на водата, како истата се прочистува и пристига до нивниот дом.

„Скопската вода е една од најквалитетните води во цела Европа. Ова е важен податок со кој треба да бидат запознаени сите граѓани, секако и најмалите. Децата се нашето најголемо богатство и токму поради тоа уживав во секој момент од едукативната посета. Овој настан имаше за цел да им го развесели секојдневието на учениците и притоа на интересен и едноставен начин да ги едуцира за значењето на водата. Водата која што ја пиеме во Скопје е беспрекорно чиста и здрава, и на истата секојдневно се прават анализи. Сега веќе овие ученици се запознаени за процесот како водата се испорачува до нивниот дом“, изјави генералниот директорот на ЈП Водовод и канализација, Душко Весковски кој присуствуваше на настанот.

Учениците, велат од ЈП Водовод и канализација, со големо љубопитство ја разгледаа лабораторијата и поставуваа голем број прашања, а претставниците од ЈП Водовод и канализација, најавија дека и во иднина ќе продолжат да спроведуваат ваков тип на едукативни настани посветени за најмладите.