Учениците од ООУ „Гоце Делчев“ во посета на Хрватска

Како дел од активностите во рамките на Проектот „Мост на пријателство: Илинден – Решетари“ група наставници и ученици од VI и VII одделение од ООУ „Гоце Делчев“, од 22 до 25 мај престојуваа во посета на ОУ „Анте Старчевик“ од Решетари, Република Хрватска. Со ова се реализира втората фаза од овој проект на тема: Пролет и обичаи, која има за цел запознавање на традиционалните детски игри и песни поврзани за пролетта и обичаите, барање на сличности и разлики во обичаите и традициите поврзани за пролетта и пролетните празници.

За време на престојот во Хрватска наставниците и учениците од двете училишта заедно со директорите ја посетија спомен-галеријата на познатиот хрватски вајар, Иван Мештровиќ во Врпоље, како и познатата тврдина во Осиек, која датира од 18 век, подигната на клучното стратешко место преку реката Драва. Гостите беа запознаени и со градската библиотека во Осиек, каде беа пречекани од културно-македонското друштво „Браќа Миладиновци“ во Р.Хрватска, а присуствуваа и на читање на поезијата од македонско-хрватската поетеса Љерка Тот-Наумова.

Наставниците и учениците од Општина Илинден беа примени и од градоначалникот на Општина Решетари, Златко Ага, а учествуваа и на  приредбата по повод Денот на училиштето „Анте Старчевиќ‘.

Главна цел на проектот „Мост на пријателство: Илинден – Решетари“  е размена на разбирање и почитување на различните култури, на културното наследство на местото, на родниот крај, на татковината како што се: фолклор, музика, традиција и обичаи, потоа запознавање со другите oбразовни системи, поттикнување на мобилноста на учениците и наставниците, како и размена на европска соработка  во областа  на образованието.