Учениците на ОУ „Димитар Македонски“ во Лисиче од второто полугодие на настава во нов објект

По неколкугодишна изградба, Основното училиште „Димитар Македонски” во населба Лисиче доби нов објект во кој учениците ќе почнат да ја следат наставата во второто полугодие на учебната 2021/2022 година.

Училиштето е изградено на местото на стариот објект кој беше урнат. Оставена беше само спортската сала која е реновирана.

Министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на училиштето соопшти дека за изградбата МОН вложило околу 58 милиони денари и 2,5 милиони денари за опремување на кабинетите за предметите физика, хемија и биологија, а има и дигитални табли во секоја училница за поддршка на дигитализацијата во образованието.

-Главна цел на МОН е подобрување на квалитетот на образованието и пристап до образование за секое дете. Тоа се случува низ три столба – инфраструктурно подобрување и инвестиции во објектите на училиштата, подобри програми – кои веќе се имплементираат во прво и четврто одделение и трета компонента – добри и квалитетни наставници кои редовно посетуваат обуки. На овој начин може да постигнеме подобри резултати кај учениците во основното образование и тие да бидат подобри и на меѓународните тестирања, рече Царовска.

Директорката на ОУ „Димитар Македонски“ Јулијана Тодоровска истакна дека долго чекале да добијат нова училишна зграда.

-Долго време го очекувавме моментот да влеземе во ново училиште, да почне нормален процес на настава и од второто полугодие ќе почнеме со воспитно-образовна работа во новиот училиштен објект,  согласно протоколите, рече Тодоровска.

Посочи дека објектот има капацитет за околу 700, а сега во училиштето има 550 ученици. Девет паралелки се со продолжен престој, а останатите ќе следат настава во две смени.