Ученици со посебни образовни потреби ќе добијат асистенти

Средношколците со посебни образовни потреби ќе добијат образовен асистент, лицата со телесен хендикеп, персонален асистент, а старите и болните лица негуватели. Работните места се гарантирани за високообразовани лица од социјално загрозени категории, кои ќе треба да се пријават на конкурсот во Агенцијата за вработување, кој ќе трае до 14 август.

Градот Скопје, во соработка со Агенцијата и УНДП, ќе го реализира проектот „Социообразовни придобивки преку поддршка на ранливите категории граѓани на територија на Град Скопје“, преку кој во период од девет месеци ќе вработи 20 лица. Од нив десет ќе бидат образовни, а пет персонални асистенти, додека пет ќе работат како негуватели на стари лица. Платата ќе им биде 9.000 денари, а ќе работат 20 часа неделно.

„Првпат во рамки на програмата за општинско-корисна работа, Градот ќе ангажира образовни асистенти кои ќе работат во текот на следната училишна година во девет средни училишта во Скопје со ученици со посебни образовни потреби или ученици со интелектуална попреченост. Персоналните асистенти за лицата со телесна попреченост и негувателите на стари лица ќе работат со лица кои ќе бидат предложени од здруженијата ‘Мобилност’ и ‘Хуманост’“, посочуваат од Градот Скопје.

Огласот за вработување е веќе распишан, а лицата што ќе бидат работно ангажирани ќе припаѓаат на некоја од ранливите категории на население, вклучувајќи ги и корисниците на социјална помош. Треба да имаат високо образование за педагози, психолози или дефектолози, а покрај вработувањето ќе добијат можност бесплатно да користат јавен градски превоз или велосипед. По завршувањето на проектот, ќе бидат вклучени во програмите на Градот Скопје, со цел тие да ги задржат работните места, и да се обезбеди социјалната инклузија која е неопходна во изградбата на општество без дискриминација, со еднакви права и можности.

„Преку стручното оспособување и практичното искуство со кои ќе се стекнат лицата кои работно ќе се ангажираат ќе овозможиме тие полесно да се вклучат на пазарот на трудот, а истовремено ќе придонесеме во олеснување на секојдневните пречки со кои се соочуваат лицата со посебни образовни потреби, лицата со телесна попреченост, како и старите лица на кои им е потребна нега“, велат во Градот.