Ученици ја посетија „Лајка“ и учеа за одговорно сопствеништво

Денеска во ЈП „Лајка“ на посета беа учениците од трето одделение од основните училишта „Невена Георгиевска Дуња“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и Средно економско правно училиште на град Скопје „Васил Антевски -Дрен“ од скопската општина Кисела Вода и заедно го одбележаа Светскиот ден на бездомните животни.

-Нашата цел беше да ги запознаеме најмладите со работата на ЈП Лајка, разговаравме за тоа како токму кучето е најверниот човеков пријател, како заедно сите да се бориме да има што помалку бездомни кучиња, како сите можеме да допринесеме за иднина со 0 бездомни животни. Научија како да се биде одговорен сопственик, кои се придобивките од кастрација и стерилизација и зашто е поблагородно да се вдоми куче, а не да се купи, се вели во соопштението на „Лајка“.

Со овој настан од едукативен карактер, а преку дружба со кучињата од прифатилиштето ЈП „Лајка“, целта е да се придонесе во создавањето на одговорни и хумани граѓани, одговорно и хумано општество за сите и да се подигне свеста за вдомување наспроти купување на домашен миленик.

Во наредните денови активноста ќе продолжи и со ученици од Општина Центар и останатите скопски општини.

-Сакаме да се заблагодариме на наставниците и дечињата од училиштата кои изразија интерест и желба да бидат дел од нашата хумана мисија. И особена благодарност до ЈСП кои со задоволство ни излегоа во пресрет и го поддржаа нашиот настан со превезување на учениците, велат од „Лајка“.