Учебната година за основците и средношколците почнува утре - околу 14.500 првачиња ќе седнат во училишните клупи

Утре ќе започне новата учебна година за учениците во основните и средните училишта низ Македонија. 1 септември, за околу 14.500 првачиња, ќе биде првиот ден во училишните клупи.

Сепак, бројот на првачиња сè уште не е конечен, бидејќи дополнителниот упис ќе трае до крајот на септември. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека, по завршувањето на уписниот рок, се очекува бројот на првачињата да биде за најмалку 3.000 помал во однос на минатата учебна година. 

Во прво одделение минатата учебна година биле запишани 17.921 ученик - во споредба со досегашната бројка од околу 14.500 првачиња, при што се забележува значително намалување.

Намалувањето на бројот на учениците ќе има влијание и врз организацијата на наставата. За учебната 2026/2027 година се очекуваат околу 200 паралелки помалку во основното и 100 помалку во средното образование. Дополнително, најавено е затворање на 26 рурални училишта во кои нема запишано ниту едно прваче. Во дел од овие училишта досега наставата ја следеле само по пет до осум ученици.

Конечниот број на основци и средношколци што ќе ја започнат наставата утре сè уште не е објавен, а според последните целосни податоци на Државниот завод за статистика, на почетокот на учебната 2025/2026 година во редовното основно образование биле запишани 174.040 ученици, а во средното образование 67.540, односно вкупно 241.580 ученици.