Убавото време ги размрда велосипедистите – совети како да бидете безбедни во сообраќајот

Оние кои се вистински фанатици на возењето велосипед, не ги гледаат временските услови, туку едноставно се качуваат и уживаат во вртењето на педалите.

Ни пристигнаа пролетните сончеви денови. Многу луѓе, млади и стари, го сакаат токму овој период за да можат да се рекреираат со возење на велосипед.

Возењето велосипед е здрава и убава физичка активност, но ако сакате да се заштитите во сообраќајот, тогаш мора да се придржувате до некои правила, да ги почитувате советите.

1. Држете ја вашата страна и секоја промена на насоката, сигнализирајте со рака!

Иако сте сигурни во вашето возење, потребно е и другите учесници во сообраќајот да го забележат тоа. Со сигналицизација со раката ќе остварите директен контакт и почитување кон другите учесници, ќе го привлечете вниманието со вашето присуство и ќе допринесете за безбедно и удобно возење велосипед во градот.

 2. Внимателно поминувајте покрај паркираните автомобили

Бидете внимателни кога на десната страна на коловозот има паркирани автомобили. Често се случува возачот одеднаш да ја отвори вратата и да излезе од автомобилот, а тоа е една од најчестите причини за страдања на велосипедистите.

 3. Осветлете се

Задолжително користете предно и задно светло кога возите во текот на ноќта. Доколку немате светла кои ќе укажуваат на вашето присуство, подобро е да не возите навечер.

 4. Користете лев ретровизор, да ја контролирате вашата лента

Тоа ви овозможува преглед на просторот од каде што доаѓа најголема опасност. Кога ќе ги воочите останатите учесници во сообраќајот, во можност сте навремено да завземете безбедна позиција во лентата за движење. Доколку забележите дека ви се приближува автомобил со поголема брзина, можете со рака да дадете сигнал за означување на присуството на патот.

5. Слушајте што се случува околу вас

Иако е честа слика на улиците возење на велосипед и слушање музика на слушалки, тие две работи едноставно не одат заедно. Треба секогаш да се слушне сето она што се случува околу вас.