Ако се уште не знаете како и каде да го искористите убавиот викенд, тогаш не се мислете многу. На само неколку километри од Скопје, поточно во Куманово, во селото Старо Нагоричане се наоѓа црвата Св.Ѓорѓи. Вистинско место за одмор и мир во душата. Убавина, која плени со векови.

Посебност и убавина во поглед на архитектурата и фрескоживописот претставува еден од бисерите на христијанските творби на овие простори, пишува Македонски бисер во својата репортажа за црквата.

Во однос на архитектурата, црквата е трикорабна градба во форма на издолжен впишан крст, над која се издигаат пет куполи, една голема осмострана поставена во центарот и четири помали кубиња. Посебноста на црквата се состои во зачуваната првобитна олтарна преграда, односно иконостасот изработен од камени столбови, парапетни плочи и орнаментиран архитрав. Тука е забележан единствен пример на изработка на икони во фреско-техника во Македонија, со тоа што лево и десно од царските двери се претставени ликовите на св. Ѓорѓи и Богородица Пелагонитиса.

Неодминливото значење на овој културен и духовен споменик лежи во зачуваниот фрескоживопис, изработен од познатите зографи Евтихиј и Михајло, кои како автори се јавуваат и во црквата Св. Богородица Перивлептос, позната како охридскиот Св. Климент, манастирот Св. Никита на Скопска Црна Гора, но и во голем број објекти во соседните балкански земји. Фрескоживописот е изработен во палеолошкиот стил од XIV век, со нагласена наративност, но изразена суптилност, фино стилизирање и одмереност во изразот. Впечатливи се портретите на ктиторите на црквата, кралот Милутин и неговата млада жена Симонида. Црквата изобилува со претстави на ликови на светители, сцени од животот, страдањата и чудата на Исус Христос, како и илустрации на календари. 

Изградбата на првобитната црква Св. Ѓорѓи од XI век е поврзана со легендата за пустиножителот Прохор Пчињски, кој живеел во мала пештера во близина на денешната црква. Пештерата - испосница е реконструирана и доста посетена. Црквата и објектите околу неа, како споменична целина, се дел од проектот за обновување на културното наследство во Југоисточна Европа, заедничка акција на Европската Комисија и Советот на Европа.