„Убавицата и ѕверот“ ќе биде изведена по 350-ти пат

Во Театарот за деца и младинци в среда, по 350-ти пат ќе биде изведена претставата „Убавицата и ѕверот“, која рекордно е најиграната во Македонија.

„Убавицата и ѕверот“ веќе 20 години е на редовниот репертоар на театарот. Беше премиерно прикажана во 1998 година на 6 февруари. Оттогаш па до денес режијата на Димитар Христов, авторскиот ираз на Игор Бојовиќ, актерите од премиерната изведба Ана Левајковиќ Бошков, Игор Маџиров,Олгица Христовска, Тања Кочовска, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Драган Довлев и Катарина Илиевска Силјановска, која подоцна станува дел од екипата, сценографијата и костимографијата на Александар Ношпал, музиката на Славе Димитров и кореографијата Александар Хаџиманов со млада фантазија, љубов и голема духовитост ја сочинуваат една од најуспешните претстави за деца.

Во тој дух, на 12 декември ќе се одигра претставата по среќен, јубилеен пат и потоа следи прослава, велат од театарот.