Убави вести од општина Аеродром: Системски ќе се решава проблемот со бездомните животни

Убави вести стигнуваат утрово од општина Аеродром. Преку партнерство во скопското јавно претпријатие „Лајка“, општината ќе ја подигне безбедноста на граѓаните, но и ќе воспостави долгорочен и ефикасен систем за хуман третман на бездомните животни.

Во рамки на договорот за соработка со ЈП Лајка, општината ќе издвои над 1 милион денари за ефикасно решавање на проблемот со бездомните животни. 

- Оваа одлука доаѓа по забелешките кои пристигнуваат до општината и фактот дека неопходно е што побрзо решавање на овој проблем, објави општината на својата фејбук страна.

Од таму информираат дека претходниот период пристигнале многу пријави за истоварање на голем број кучиња скитници од товарни возила со регистарски таблички од други градови, со што проблемот во Аеродром се зголемил.

- Ги сакаме животните, ја поддржуваме мисијата на Лајка за нивна заштита и преку искрен пристап и цврста соработка ги решаваме проблемите на жителите на општина Аеродром, заклучува општината во својата објава.