Уапсена велешанка, му се заканила на татко и со убиство и нападнала дете - го каменувала и го удрило по стомакот

Поведена е постапка против 24-годишна велешанка од страна на Oбвинителството од Велес откако во период од неколку дена извршила повеќе кривични дела. Му се заканувала на својот татко со убиство и нападнала две деца.

„На 10.02 при вршење семејно насилство му се заканила на сопствениот татко дека ќе го убие. Влегла во неговиот дом кршејќи ја вратата, па кога не го нашла, се упатила кон автобуското стојалиште каде го затекнала оштетениот и му упатила отворени закани со намера да го вознемири и да го заплаши.

На 12.02 осомничена е дека извршила физичко насилство врз дете родено 2011 година, така што најнапред започнала вербална расправија, а потоа детето го удрила со нога во стомакот. Нешто подоцна истиот ден се појавила пред домот на оштетените со стап во раката и им се заканила на девојчето и нејзината мајка дека ќе ги убие, со што кај нив предизвикала чувство на несигурност, загрозување и страв.

Исто така, на 14.02 го забележала девојчето во дворот на семејната куќа и започнала да фрла камења кон оштетената. Девојчето побегнало, а осомничената продолжила да фрла камења кон паркинг простор каде имало паркирани возила и ученици кои чекале превоз. На тој начин предизвикала значителна опасност за животот и телото на присутните и оштетила два автомобила“, соопштуваат од обвинителството.

Од таму посочуваат дека поради околности кои укажуваат дека осомничената би можела да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, но и поради опасноста да ги повтори кривичните дела или да ги изврши делата со кои се заканува и кои вклучуваат противправни дејствија и закани кон 13-годишно девојче, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес доставил предлог за определување мерка притвор при што Судот го прифатил предлогот на осомничената.