
Виш јавен обвинител од Битола е лишен од слобода, а против него е поднесена кривична пријава поради сомнение дека примал награда за противзаконито влијание при донесување одлуки од страна на други јавни обвинители.
„Денеска (07.10.2026), Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против П.В.(61) од Прилеп, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според пријавата, П.В., во својство на виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Битола, во повеќе наврати влијаел врз донесувањето одлуки од страна на други јавни обвинители, со цел за сторителите да бидат изрекувани поблаги казни.
П.В. е лишен од слобода, а по наредба на надлежен суд бил извршен претрес во неговиот дом во Прилеп, како и во службените простории што ги користи.
„При претресите се пронајдени и одземени шест мобилни телефонски апарати, едно УСБ и еден персонален компјутер“, информира МВР.
Од МВР додаваат дека активностите продолжуваат со цел прибирање дополнителни докази и целосно расчистување на случајот.