„Тоа место е врежано како меѓник за нас скопските деца пораснати помеѓу 80-тите и 90-тите“ - твитерџија раскажува за „култниот“ објект на „Седмица“

Затворањето на легендарната сендвичарница „Седмица“ кај Грчката амбасада не престанува да предизвикува силни реакции на социјалните мрежи, а дебатата доби нова димензија.

Освен носталгијата и спомените, како и прашањето за тоа што значи „култно место“ и како се менува урбаниот идентитет на Скопје, еден „твитерџија“ објаснува зошто тоа место за него останало врежано како меѓник, за како што вели, скопските деца пораснати помеѓу осумдесетите и деведесетите.

„Соочен со неоправданиот хејт на една сендвичара со нумеролошко име, сакам да ви напишам една нишка зошто тоа место остана врежано како меѓник за нас скопските деца. пораснати помеѓу осумдесетите и деведесетите. Од една страна грозниот распад на лошиот социјализам отсликан преку седнвичот со плескавица гарниран со сол и буковец, и преодот кон светлата неизвесна транзиција отсликан преку магичниот чизбургер со кечап и мајонез, па уште и оригано, и да повторам мајонез кој и денес ми ги подига сите желудочни сокови и ме прави да слинам како куче пред касапница“, пишува профилот „Mr. Templar“ во првите два од серијата твитови преку кои раскажува.

Не беше тоа сендвичара за нас, вели тој, туку тоа било состојба на промена на умот и преод во една прекината, збунета младост во која единствена утеха и константа било малото шалтерче на Седмица, стиснато помеѓу Ани и Бони.

„Уште ми одекнува мирниот нестрплив ред додека Попе се обидува да го оркестрира теткинскиот одред да се оптимизира протокот на сендвичи, а Вошка мали кои малку пред тоа ми даде пари за бургер, вика од позади пеер кажи поише хулигано да стаи на компирите, на општо задоволство и смеење во редот. Да се разбереме, одамна Седмица не е таа состојба на умот, ниту месото е исто, а сега ниту местото нема да биде исто“, раскажува преку други два „твита“.

Додава дека знае дека не се затвора брендот туку локацијата, ама, како што вели, за него локацијата била останата врамена во едно време кое го нема, а другото било небитно.

„Затоа драги мои провансалци, пред да почнете да хејтате само затоа што не сте биле на тоа време и тоа место, никој од нас не е крив ниту избира каде се раѓа.Сигурен сум дека и вие си имате драги рурални спомени кои би ги прочитал со должно внимание. Разберете дека не ја хејтате 7-ца ја хејтате нашата младост, неоправдано“, порача твитерџијата „Mr. Templar“ во последните два од вкупно шест твита во кои раскажува.