Твитерџиите викендов ќе прават елка од пластични шишиња во Скопје

Традиционално пред Нова година, твитерџиите повторно се организираат за правење на елка од пластични шишиња. Целта на настанот е да се подигне свеста за рециклирање и намалување на отпадот.

Настанот оваа година ќе се случува викендот на 22 и 23 декември. В сабота, на 22 декември, помеѓу 11 и 14 часот ќе се собираат пластични шишиња на 5 пункта во Скопје – Порта Влае (пред Баду Бар), Лептокарија (на коцката пред Ревија), пред Универзална, во Т.Ц. Бисер и во Котур (парк Форум, зад Рекорд).

Правењето на елката е закажано за 23 декември, недела, со почеток во 9 часот, во паркот Форум, зад поранешен Рекорд.

Твитерџиите апелираат да се чуваат празните пластични шишиња периодов, посебно оние од славите, и истите да се донираат на пунктовите. Настанот е од отворен тип.