Тужби од граѓаните за оштетување на возило од улична дупка или паѓање на гранка, кршење нога во шахта или паѓање од дотраена клупа

Расте свеста на граѓаните дека можат да го тужат Градот Скопје, општините или јавно претпријатие и да бараат надомест за материјална и нематеријална штета за пропусти за кои е одговорна локалната самоуправа – ако возило се оштети од улична дупка, ако врз него падне гранка, знак, семафор, ако некој искрши нога во отворена шахта или при седнување на дотраена клупа.

За разлика од порано, кога барањето отштети поради пропусти на локалните самоуправи беше реткост, сега повеќе не е, објаснуваат адвокатите што се занимаваат со имотни спорови. Сепак се уште е мал бројот на граѓаните што навистина се одлучуваат да поведат тужби и се подготвени за неколкугодишни битки по судовите, пред се – поради големите трошоци. Ако не се сметаат издатоците што следуваат откога ќе почнат рочиштата, уште на самиот почеток, тужителите треба да издвојат минимум 20.000 денари за адвокати, такси, административни трошоци, тужби, вештачење, жалби и друго.