Турска компанија ќе гради 65 типски куќи во атарот на Бардовци

Градоначалникот на скопски Карпош, Стевчо Јакимовски, откри дека деновиве ќе се стави камен темелник на голема турска инвестиција во Бардовци.

-Деновиве ќе ставаме камен темелник на една голема инвестиција, поточно една турска компанија ќе гради 65 типски куќи во атарот на Бардовци. Комуналиите се уплатени, одобрението сме го издале. Чекаме да стане правосилно. Ќе се потрудиме како општина, веќе наредната година да обезбедиме соодветна инфраструктура. Наскоро ќе имаме градба од левата страна на Вардар. Тоа е фирмата Голден арт, што значи почнуваме да го развиваме и тој дел. Продолжуваме интензивно да работиме на соработка со советниците во општина Карпош, на изработка на Детални урбанистички планови кои се потребни за граѓаните, најави Јакимовски, пред некој ден. 

Јакимовски најави и инвестиции од 1,5 милијарди евра во општината.

-Во исто време најавувам, дека во општина Карпош ќе се случат инвестиции во висина од милијарда и пол евра! На одлуки на Советот и на мојот ангажман чекаат инвестиции од милијарда и пол евра. Ќе се согласите дека се тоа големи пари и за Република Македонија а не само за општина Карпош. Јас максимално ќе работам да ги отвориме вратите за овие инвестиции, а со тоа да се зголемат и приходите во општината. Со тоа граѓаните да можат да добијат многу поквалитетна услуга, истакна градоначалникот.