Туристите и граѓаните се жалат дека Скопје се „дави“ во ѓубре: Кој е виновен - надлежните или граѓаните?

Парковите пред станбените згради се полни со ѓубре, а ништо подобри не се ниту автобуските станици, каде што често може да се забележат отпушоци од цигари. Пластични шишиња, ќесиња, но и други предмети може да се забележат и на останатите локации, како во Старата скопска чаршија, па така и на главниот плоштад во Скопје. Ова е грдата слика која ја забележуваат странските туристи, кои сè почесто се жалат дека главниот град ни е валкан.

Често може да се забележат и преполни контејнери на одредени локации, но и стар мебел, како и останато ѓубре пред дел од зградите во главниот град, а често има поплаки на социјалните мрежи и дека станари фрлаат ѓубре од својот балкон на нивната зграда.

Иако веќе имаше неколку акции и за чистење на Водно, сепак и таму може да се забележи ѓубре на одредени делови. Некултурата на граѓаните, како и недоволно канти за отпадоци низ главниот град се само дел од проблемите кои ги мачат скопјани, но и оставаат лоша слика за главниот град во очите на странските туристи.

И додека се префрла одговорноста меѓу граѓаните и надлежните служби за тоа кој е виновен за валканиот град, се обидовме од „Скопје Инфо“ да побараме информации од ЈП „Комунална хигиена“, како и град Скопје, но до објавување на овој текст, нема повратен одговор од институциите.

Се поставува прашањето кое е решението за граѓаните конечно да имаат чист град, дали надлежните служби треба да го собираат отпадот повеќе пати дневно или можеби треба да се зголеми бројот на апели и казни кон несовесните жители за да се промени сликата за главниот град.

Туристите на социјалните мрежи велат дека Скопје е убав град, но хигиената особено во централното градско подрачје е сериозен проблем. Под фотографиите и видеата кои тие ги споделуваат на социјалните мрежи, не забораваат да го споменат овој проблем.

-Прашав, неколку скопјани што мислат за ѓубрето во градот, тие ми поставија прашање за кое ѓубре јас им зборувам. Веројатно се навикнати да живеат вака, вели еден блогер кој шета насекаде низ светот, а кој изминатиот период беше во туристичка посета на Скопје.

Организиравме и анкета на инстаграм профилот на „Скопје Инфо“, каде што ги прашавме нашите фанови дали се задоволни од хигиената во Скопје, а најголем дел од нив, односно 86 отсто одговорија дека не се среќни затоа што градот е нечист, а исто така дури 49 отсто од нив сметаат дека граѓаните се виновни за грдата слика на градот, додека 42 отсто сметаат дека Институциите/Град Скопје, граѓаните и Владата се подеднакво виновни за хаосот.

Исто така, граѓаните имаа различни мислења за тоа како може да се надмине проблемот кој го мачи Скопје веќе со години.

- Подигнување на свеста на граѓаните и строги казни. Без казни ништо, смета една скопјанка.

- Комунална полиција и големи казни. Парични казни. Построги казни и спроведување на законот, вели друг жител на Скопје.

- Совест на граѓаните, а пред сè корпи за отпадоци на секој чекор“, вели друга скопјанка.

- Секој да имаше домашна култура, ќе беше сè во ред, но сè додека го нема тоа, залудно е, смета друг граѓанин.

Според мислењата на нашите фанови, најголемиот проблем е токму кај несовесните граѓани, кои го фрлаат ѓубрето насекаде без да размислат за последиците, иако има и такви кои ги обвинуваат надлежните служби дека се неажурни, како и дека немаат поставено доволно корпи за отпадоци низ главниот град.

Очигледно е потребен ангажман од сите страни за надминување на проблемот, како поголема ажурност на надлежните служби за чистење на кантите за отпадоци, така и почеста комунална инспекција и казни за несовесните граѓани кои ја уништуваат сликата за овој прекрасен град, а доколку не се преземе нешто, Скопје и понатаму ќе остане да се „дави“ во ѓубре.