Туристичките ваучери – Можност за одмор или нешто друго?

Сите вработени со плата под 15 илјади денари ќе добијат ваучер од 6000 денари за да одат на одмор, за така да му се помогне на туристичкиот сектор во корона-кризата. Дел од туристичките работници се сомневаат дека дел од граѓаните може да ги продаваат ваучерите во некои хотели за половина цена, а воопшто да не летуваат. Властите уверуваат дека шансите за такво нешто се многу мали.

Туристичките ваучери, кои ги најави владата ќе му помогнат на домашниот туристички сектор колку – толку да го преживее ударот од пандемијата на коронавирусот, велат туристичките работници. Со оглед на тоа што се работи за ваучери од 6000 денари за луѓето со ниски примања, веројатно повеќе ќе се офајдат приватните станоиздавачи, кои се поевтини, отколку хотелите, во кои со тие пари може да се уплатат само неколку ноќевања. Од друга страна, туристичките работници предупредуваат дека се можни итарпејовски злоупотреби.

Мерката предвидува сите вработени граѓани кои имаат приходи пониски од 15 илјади денари месечно, односно да не заработиле повеќе од 60 илјади денари од почетокот на годинава до крајот на април, да добијат ваучер од 6000 денари, кој може да го искористат во сите категоризирани угостителско – туристички објекти во земјава од 15 јули до 15 декември. Во Министерството за економијата велат дека оние кои ќе заминат на одмор и ќе го активираат ваучерот, ќе добијат и џепарлак од 3000 денари, односно платежна картичка со која ќе може да плаќаат во кафеани и кафулиња. Граѓаните не треба да аплицираат за добивање ваучер, туку на сите кои ги исполнуваат условите УЈП ќе им го испрати на е-маил адресата која ја имаат доставено до нив. Во Министерството за економијата очекуваат ваучери да добијат 115 илјади граѓани.

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ, Крсте Блажевски вели дека во секој случај ваучерите ќе му помогнат на туризмот за да ја преживее оваа сезона. Сепак, главна мерка за помош би била намалување на бројот на заболени од коронавирус, зашто во ваква ситуација на луѓето им е страв, вели тој.

„Заработка нема да има, туку работата е кој колку може да издржи да финансира во бизнисот за да нема отпуштања, да може и вработените во тој сектор да преживеат. Не е само за бизнисот да ги отпушти сите вработени, да стави клуч на врата и да отвори кога ќе дојдат подобри времиња. Зборуваме за опстанок“, вели тој.

Со оглед на тоа што 6000 денари се малку за одмор во хотел, Блажевски очекува и цените да паднат зашто сега сите се трудат да заработат некој денар повеќе, а оваа година не може да се надеваат на странски гости.

повеќе на https://www.slobodnaevropa.mk