Туристички аранжмани за сечиј џеп - Може да се одмори и прошета и за 180 евра два дена

Туристичките агенции ги објавија понудите за тури надвор од земјава.

Стандардно, понуди има за соседните земји, традиционално Истанбул, понуди за бањи во соседна Србија и Бугарија, но и организирани тури низ популарните европските туристички дестинации.

Солун, Атина, Сараево, Белград, Нови Сад, Будва, Дубровник, Софија, Банско, Букурешт или Будимпешта се стандардните поблиски дестинации кои се и поевтини.

За соседните земји аранжманите се движат од 120 до 180 евра за два до три дена во кои е вклучен автобускиот превоз, и ноќевањата најчесто со појадок. За во Банско, соседна Бугарија или некои од бањите и спа-центрите во соседна Србија може да се најдат понуди за 180-200 евра за две лица за две ноќевања.

Кај поскапите аражмани интересот е поголем за градовите со божиќни пазари како во Виена и Прага, но се бараат и Венеција, Милано, Рим, Париз, Барселона, Дубаи...

Понуди има и за на Малдивите и Занзибар за каде цените се движат и од 1500 евра по лице за пет до седум дена. 

Обично, во цените на туристичките аранжмани е вклучена придружбата на туристичкиот водич, но сите излети и екскурзии дополнително се доплатуваат. 

Туристичките агенции се преплавени и со понуди на попуст за дочекот на новогодишната ноќ.