Туристи од Чикаго раскажуваат: Скопје е град од кој тешко е да се спакуваш и заминеш

Одри и Хари Леснер се сопственици на популарен блог кој минатата година беше прогласен за најпопуларен во категоријата „патувања„.  По потекло се од Чикаго, а оваа година по втор пат беа во Македонија.  За Скопје Инфо ексклузивно ги раскажуваат причините за повторената посета и импресиите од Македонија. 

„Има нешто што во оваа земја не привлекува нас – храната, планините, а најмногу луѓето. Македонците се едни од најтоплите луѓе кои сме ги сретнале некаде во светот. Затоа за Македонија се вели дека е срцето на Балканот“, велат тие.

Велат дека една од работите кои многу им се допаѓа во Скопје е силното чувство на припадност во општеството. Вистинско задоволство е да се ужива на кејот на Вардар гледајќи како луѓето спортуваат, трчаат, возат велосипеди.

Ова лето посебно внимание кај нив привлекол летниот фестивал „Summerland“. Речиси секојдневно биле присутни на концертите кои се одржувале во градскиот парк.  Таму можело да се сретнат луѓе од најмали до најстари години што го вракало фамилијарното чувство кај нив, во моментите кога се далеку од Чикаго.

Фотографиите од посетата на Скопје може да ги најдете на нивниот инстаграм профил. Една од нив го носи токму насловот на овој текст.  Раскажуваат за прекрасниот престој во главниот град и велат дека можеби тоа ќе биде причина за трета посета на Македонија.

Од првата посета во Македонија па до сега развиле многу онлајн пријателства со Македонци ширум светот со кои сега заедно работат да ја промовираат убавината на нашата земја.  Во оваа мисија им помагаат исеселеници кои живеаат во Америка, Австралија, па дури и во Тајван.

Ова лето еден месец поминуваат во Скопје, а еден покрај езерото во Охрид.