
Македонската поп-пејачка, писателка и телевизиска водителка Сузана Туринџиева објави емотивна посвета за својот починат сопруг Марјан, по повод десетгодишнината од неговата смрт.
„Ова утро се навршуваат десет години без тебе, Марјане, во кои твоето отсуство го чувствуваме секој ден. Времето лета, децата пораснаа, добивме и внуци, но љубовта, спомените и трагата што ја остави во нашите срца останаа засекогаш“, напиша Туринџиева.
Таа сподели дека на семејството и понатаму многу му недостигаат неговата насмевка, хуморот, зборовите и топлината што ја давал.
„Болката со годините се менува, но никогаш не исчезнува. Научивме да живееме со празнината, но никогаш да не престанеме да те сакаме и да те споменуваме“, стои во објавата.
Туринџиева му се заблагодари и за љубовта што му ја давал на нејзиното дете, како и за сите заеднички моменти, животни лекции и спомени што останале зад него.