Турбо-фолкерите доаѓаат по нова жетва на евра во Скопје

Кажу да нисмо пар зато што си потстанар…Свашта може да се деси, одмах креќем, реци где си…овие стихови ќе се пејат во Скопје на предновогодишните забави. Четири часа турбо-фолк забава во Лукас, Милица, Пеѓа…карти 400, 500, 600, 900 денари… Во истиот период не почестува со присуство и вечната фолк ѕвезда Лепа Брена…

Популарниот српски турбо фолк пејач Аца Лукас ќе прави голема предновогодишна забава во Скопје, во ВИП Арена Борис Трајковски. Настанот ќе се случува на 29-ти декември, а покрај Лукас, пред публиката во Скопје ќе настапат и Милица Павловиќ и Пеѓа Меденица,

Од организацијата ветуваат забава во траење од четири часа, со најголемите хитови на турбо фолк ѕвездите.

-На два дена пред дочекот на новата година, ВИП арената Борис Трајковски во Скопје, ќе биде местото на најголемата балканска журка во регионот. На 29-ти декември, со почеток во 20 часот, на една сцена и во една вечер ќе се појават Аца Лукас, Милица Павловиќ и Пеѓа Меденица. Со повеќе од четири часа забава, на сцената во Борис Трајковски ќе се нижат најголемите балкански хитови на овие големи музички имиња. На овој концерт, прв пат во живо Аца Лукас и Милица Павловиќ ќе го изведат својот сега веќе голем хит „Кидаш ме“. Репертоарот на Лукас е веќе добро познат. Павловиќ пак, прв пат ќе настапи пред македонската публика на ваков голем и спектакуларен концерт. И таа и Пеѓа Меденица им се добро познати на македонските фанови со оглед на честите настапи низ македонските дискотеки. Сега и двајцата, ќе имаме можност да ги видиме на голема концертна сцена – информираат организаторите, Балканска музичка продукција.

Најголемата балканска фолк-дива Лепа Брена доаѓа на голем концерт во Скопје! Концертот е закажан на 15 декември исто како и нејзиниот колега во ВИП-арената „Борис Трајковски“ и е дел од големата турнеја со која одбележува 35 години професионална кариера на естрадната сцена.

Брена беше прва од Балканот која ги наполни сите стадиони од регионот и пошироко, на своите концерти се симнуваше со хеликоптер, направи видео револуција со скапите видео-спотови снимани на егзотични локации ширум светот, прва воведе новитети во поп-жанрот, а ја сруши и гледаноста во сите кино-сали низ поранешна Југославија со трите делови од филмот „Хајде да се волимо“.

Верната публика која со нетрпение го очекува концертот на легендарната миленичка на сите генерации, во декември ќе може да ужива во неповторливата ноќ во која ќе бидат изведени најголемите хитови на сите времиња, како и најновите хит песни на незаменливата Брена.