„Тука секоја утеха станува мала“ - Од битолската гимназија со емотивни зборови се простија од нивната 17-годишна Ивана

Седумнаесетгодишната Ивана Недановска е девојката која го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа на патот Битола–Прилеп, кај местото „Туланата“.

Ивана била ученичка во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола, од каде се простија од неа со емотивна порака. Од училиштето изразија длабока жалост и сочувство до семејството и најблиските.

- Човекот низ вековите научил да поднесува многу нешта, но не научил лесно да го прифаќа она што му изгледа спротивно на самиот ред на животот: старите да останат, а младите да заминат; оние што веќе имаат спомени да продолжат да ги создаваат, а оние што требало допрва да ги создаваат, самите да станат спомен. Тука секоја утеха станува мала. И секој голем збор е недостоен. Останува само тагата... се наведува во прошталната порака од Гимназијата. 

Несреќата се случила на 19 септември (саботата) околу 18:29 часот. Во неа учествувале автомобил „опел“, управуван од 28-годишен жител на Канатларци, и „форд“, управуван од 48-годишен жител на Долно Српци. Ивана била сопатничка во „опелот“ и починала на местото на несреќата.

Во судирот биле повредени и други лица, меѓу кои возачот на „опелот“, возачот на „фордот“, 44-годишна жена и седумгодишно дете.