Туѓината пуста да остане!

Туѓината пуста да остане, таа од либето ме раздели... Стара, добро позната македонска песна!

Туѓината пуста да остане! Пуста да остане, ама живот во Македонија речиси и да нема. Македонија за некого е мајка, за некого е маќеа. Сите си ја сакаме татковината, родното огниште, но од љубов кон неа не се живее...

На многу Македонци, денот им почнува и им завршува со разговор на Скапј или на Вибер... Најчесто така си се гледаат со фамилијата. Така присуствуваат на сите прослави. Модерен е животот, модерни апликации, постои вклучување во живо...

Еден таков пример е семејството Миленковски од Скопје. Сашо е во Германија две години. Сопругата Наташа и двете ќерки Теодора и Мила се во Скопје, живеат со неговите родители.

-Бевме во врска околу пет години. Ниту тогаш немавме стабилни работи, но ете решивме да се земеме, со надеж дека еден ден ќе биде подобро. Ниту тогаш, ниту ден после тоа не појде на добро, кога  е работата во прашање. Јас работев од една во друга фирма, а сопругата е медицинска сестра, но никогаш немаше стабилна работа. Постојано некаде на замена. Ни се роди едната ќеркичка, па за кратко и другата. Дури имавме и моменти кога не работевме ниту јас ниту таа. Живееме само од пензијата на татко ми, а не помагаа и нејзините родители. Извадив бугарски пасош. Додека пасошот ми беше во процедура, учев занает, за лепење на плочки, местење на ламинат, работа со гипс картон... Заминав таму, најдов работа... Убава плата, но далку од фамилијата. Ниту родендените на децата, ниту празници, ниту домашната слава, ниту свадбени веселби... На ништо не присуствувам. Се вклучувам секој ден на Скајп, така си ја гледам фамилијата. Така им се гордеам на децата за постигнатите успеси. Неодамна почина мајка ми. Жената која беше жртва за нас, до последен момент. Не можев да стигнам за погребот... Душата ме боли, раскажува Сашо.

Сашо е во план да си ги носи со себе и децата и сопругата. Ќе свртат грб на родното огниште, како и многу македонски семејства.