Трошоците за живот зголемени - платите исти!

Синдикалната кошница е се попразна, трошоците за живот само растат. Работникот со минимални примања во Македонија може да заработи само за леб и вода.

Ниту две минимални плати не се доволни за да преживее едно четиричлено семејство во Македонија. Според пресметките на синдикатот, во просек околу 50 евра му фалат на секое семејство да ги подмири основните трошоци, кои вртоглаво растат секој месец. 

Македонските граѓани имаат најниски примања меѓу земјите од поранешна Југославија. Речиси една четвртина од жителите на Македонија тонат во сиромаштија.

Интересно е што Македонците трошат дури 37 проценти од своите месечни примања на храна. С. Македонија е меѓу земјите во Европа со најголеми семејни трошоци за храна. Се најде на четвртото место од вкупно 40 земји опфатени со неодамнешната студија објавена на руската новинска агенција, РИА Новости. Интересно е што процентот за трошоци за храна е помал во поразвиените земји. Во Луксембург жителите трошат само 8,4 проценти од својот буџет за набавка на храна. Холандија и Велика Британија се следни со 10,6 отсто од трошоците. Исто така, помалку од 12 проценти за храна трошат жителите на Ирска, Германија, Финска, Австрија и Норвешка.

Трошоците на животот во јануари 2021 година, во однос на претходниот месец, се пониски за 0,2 проценти, а кај цените на мало нема промени. Во однос на јануари лани трошоците на живот се зголемиле за 1,9 проценти, а цените на мало за 1,6 проценти, објави денеска Државниот зваод за статистика.

Намалување на индексите на трошоците на животот во јануари 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компири и други коренести плодови за 6.5 проценти, свежото и разладеното овошје за 1,6 проценти, виното за 0,5 проценти, месото за 0,4 проценти, рибата и морските плодови, сирењето и урдата за 0.3 проценти, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0.2 проценти.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај домашните миленици и сродните производи за 2,7 проценти, течните горива за домаќинствата за 1.9 проценти, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 1,3 проценти, информатичката опрема за обработка на податоци за 1,1 процент, обувките за 1 проценти, цврстите горива за домаќинствата за 0.9 проценти, малите електрични апарати за домаќинствата за 0.6 %, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0.5 проценту, другата облека и додатоците за облека за 0.4 проценти, облеката, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема за 0.2 проценти.

Пораст на трошоците на животот во јануари 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.6 проценти, прехранбените производи неспоменати на друго место за 0.5 проценти, маслото и маснотиите за 0.4 проценти, жестоките пијалаци за 0.3 проценти.

Во јануари, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај електричните апарати за лична хигиена за 4 проценти, гасот за домаќинствата за 3.6 проценти, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 2.0 проценти, мебелот и покуќнината за 1.6 проценти, велосипедите за 1.4 проценти, големите електрични апарати за домаќинствата за 1.0 процент, патниот патнички транспорт за 0.8 проценти, градините, растенијата и цвеќињата, книгите за 0.6 проценти, другите апарати и производи за лична хигиена за 0.4 проценти, моторните возила, одржувањето и поправката на сопствените превозни средства за 0.3 проценти, фармацевтските производи, другото образование, угостителските услуги за 0.2 проценти.