Тропските горештини стигнаа, во автобусите на ЈСП како во сауна, возачите не ги вклучуваат климите

– Да влезам во автобусов, ај те молам провери дали работи климата! – и се обраќа една патничка на друга, која на автобуската постојка на “Рекорд” во центар веќе влегла во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие.

Ова е чест коментар деновиве на патниците кои се возат во автобуси на ЈСП откако температурите на воздухот во Скопје станаа тропски. Оние кои од немајкаде мораат да влезат во автобус каде што возачот не ја вклучил климатизацијата, се препотуваат.

– Дајте, кажете му на возачот да ја пушти климата, испоцркавме – велат револтирани патници кои завчера се возеа во еден од двокатните автобуси на линијата 3-а. Иако возачот беше опоменат да ја пушти климата, тој воопшто не реагираше и патниците се туркаа кој поблиску ќе дојде до отворените прозорци да се разладат.

Ова не е инцидентен случај. До редакцијата на Вечер стигнаа жалби од патници кои имале слична голгота во автобуси и на други линии. Побаравме одговор од ова сообраќајно претпријатие и оттаму велат дека немаат регистрирано ваков случај.

– Во изминативе неколку денови, откако температурите условија вклучување на климатизерите, внатрешната контрола на ЈСП Скопје нема регистрирано случај на неклиматизиран автобус. Во посочениот Ваш пример, очигледно станува збор за инцидентен случај – објаснуваат од ЈСП.

Оттаму потенцираат дека пуштање на климата е одлука/проценка на возачот.

– Во иднина, доколку патници безуспешно реагираат климата да се вклучи, а возачот не одговори на нивните барања, за случајот може да се реагира директно до ЈСП Скопје на меил: јсп1Жјсп.цом.мк или на ФБ страната на претпријатието њњњ.фацебоок.цом/јспскопје – нагласуваат од ЈСП.

Од Јавното сообраќајно претпријатие напоменуваат дека во пресрет на високите температури, изврши редовен сервис на климите и незначителен број не се во функција.

– Станува збор за клими на 5 автобуси, кои во наредниве денови ќе бидат сервисирани, односно ќе станат функционални – велат од ЈСП.

Кај приватните превозници, пак, ретко има вклучено клима во автобусите. се почесто се случува возачите да применат т.н. бугарска клима, односно за да ја намалат температурата во автобусите, ги отвораат вратите и возат со отворени врати, со што ги доведуваат во опасност животите на патниците.